Почна реновирањето на битолски Монмартр
Почна реконструкцијата на опожарениот кат од култниот Монмартр во Битола. Хумани поединци, компании и локалната самоуправа несебично донираат во реновирањето...

Светската детска ликовна амбасада ќе го враќа стариот лик. Санацијата започна со промена на електричната инсталација од страна на опшествено- одговорни компании кои одамна се поврзани со детското ликовно студио.
„Помошта не ја пресметуваме преку финансиска конструкција. Тука работвме пред да започне детското студио, а згора на тоа првите сликарски чекори тука ги направи и мојата ќерка. На повикот веднаш позитивно одговоривме затоа што од срце сакаме да помогнеме и од наша страна ќе биде променета целата електрична инсталација“, вели Славчо Ружинов раководител на електроинсталатерската фирма од Битола, Елмак.
Со еднократна помош во висина од 50 илјади денари се вклучи и општината, но посебно внимание заслужува тоа што во зачувувањето на делото на младите ликовни таленти свој придонес веќе даваат и хуманите граѓани.
„На денот кога ги оценувавме децата една наша битолчанка ни подари сто евра. А вчера седејќи пред студиото ми пријде и нашиот иселеник од Белгија, Ристо Парков, со кој се запознавме кога таму отворавме изложба. Донираше сто евра за да продолжиме со реновирањето, а вети дека доколку е потребно дополнително ќе помогне“, вели 80 годишниот раководител на студиото, Коста Хаџиантоновски.
Хаџиантоновски очекува позитивен одговор и од поднесните 30 барања до останатите компании како и до државните институции. Тоа ќе овозможи за кратко време децата повторно да се вратат во своето катче.
Стевче Митревски
