ДИК

На полноќ истекува рокот за поднесување на кандидатските листи за пратеници

02.04.2024 19:14

Вечерва на полноќ истекува рокот за доставување на кандидатските листи за парламентарните избори. До овој момент, до ДИК имаат поднесено само коалициите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ и партијата „Родина“. ДИК денеска го заклучи и избирачкиот список…

Вечерва на полноќ истекува законскиот рок во кој коалициите и политичките партии треба да ги достават кандидатските листи за претстојните парламентарни избори.

До попладнево листи имаа поднесено четири коалиции и партии до Државната изборна комисија. Откако ќе заврши рокот, Комисијата има рок од 48 часа да ги провери и потврди. Инаку, на овие парламентарни избори во трка ќе влезат пет коалиции и три партии. А повеќето од листите веќе се објавени во јавноста заедно со носителите и коносителите по секоја изборна единица одделено.

На парламентарните избори ќе настапат коалициите предводени од СДСМ, од ВМРО – ДПМНЕ, од ДУИ, коалицијата „ВРЕДИ, коалицијата на партиите ГРОМ, Интегра и ПЦЕР. Самостоен настап ќе имаат партиите „Левица, „ЗНАМ“ и партијата „Родина“. Иако најави, скопската градоначалничка Данела Арсовска која ја презеде партијата „Нова алтернатива“, засега не е познато дали ќе достави листи за кандидатура. Во ДИК денеска беше затворен и избирачкиот список.

Во битката за 120 пратенички места се очекува да има околу 900 кандидати, за кои ќе одлучуваат гласовите на граѓаните.

 

Александра Спировска