ТАЈВАН

Земјотрес од 7.4 степени по Рихтери го погоди Тајван, се трага под урнатините

03.04.2024 08:21

Епицентарот бил на длабочина од 15,5 километри од јужниот брег на Тајван, соопшти државната сеизмолошка служба...

Земјотрес од 7,4 степени според Рихтер го погоди Тајван. Неколку згради се урнати. Властите јавуваат за жртви, се трага по луѓе заробени во урнатините. Епицентарот бил на длабочина од 15,5 километри од јужниот брег на Тајван, соопшти државната сеизмолошка служба.

Телевизиските станици емитуваа снимки од згради како се нишаат во густо населениот источен град Хуалиен, во близина на епицентарот на земјотресот. Предизвикан е прекин на електричната енергија во главниот град Тајпеј. Според податоците, ова е најсилниот земјотрес што ја погодил земјата во изминатите 25 години.

„Во изминатите набљудувања, можноста за слични земјотреси да се случат по големите земјотреси е од 10 до 20 проценти. Затоа ве молиме внимавајте на земјотресите уште една недела. Особено во следните неколку дена, голема е веројатноста да има голем земјотрес. Ако се случи силен земјотрес под океанот, мора да бидеме внимателни од појавата на цунами“, изјави Шигеки Аоки, од јапонската метеоролошка агенција.