Блиски Исток

Осуда за нападите врз хуманитарците

03.04.2024 09:31

Амбасадорите на Иран и на Сирија, го вперија прстот кон САД, поради израелскиот воздушен напад врз иранскиот конзулат во Дамаск, во кој загинаа најмалку двајца ирански генерали и петмина офицери ...

Амбасадорите на Иран и на Сирија во Обединетите нации го вперија прстот кон САД, поради израелскиот воздушен напад врз иранскиот конзулат во Дамаск, во кој загинаа најмалку двајца ирански генерали и петмина офицери. Од Техеран велат дека го задржуваат правото да преземат решителен одговор.

„Апелиравме до Советот да се спречи понатамошна ескалација и влошување на тензиите кои го поткопуваат регионалниот мир и безбедност“, изјави Мохамед Калед Киари, помошник генерален секретар на ООН за Блискиот Исток, Азија и Пацификот.

„Исламската Република Иран покажа значителна воздржаност, но императив е да се признае дека има граници за таквото трпение. Окупаторскиот режим мора да сноси целосна одговорност за неговите последици“, изјави Захра Ершади, амбасадорка на Иран во ООН.

„Израелските власти немаше да ја извршат оваа агресија да не беше слепата поддршка од САД. Соединетите Држави се целосно одговорни за овие напади“, рече Кусаи Ал-Дахак, амбасадор на Сирија во Обединетите нации.

„Соединетите Држави немаа вмешаност во пријавениот напад вчера во Сирија, ниту ние знаевме за тоа пред време“, рече Роберт А. Вуд, заменик постојан претставник на САД во Обединетите нации.

Членовите на Советот за безбедност побараа Израел да одговара и за нападот врз седуммина хуманитарни работници од организацијата „Светска централна кујна“. И американскиот претседател Џо Бајден упати остра критика до Израел, велејќи дека Тел Авив не направи доволно за да ги заштити хуманитарните работници. Од израелската војска отворија истрага, правдајќи го чинот како погрешна идентификација.

„Нападот не беше спроведен со намера да им наштети на хуманитарните работници. Тоа беше грешка што следеше по погрешна идентификација ноќе, за време на војна, во многу сложени услови. Ќе продолжиме да преземаме итни активности за да се осигураме дека ќе се направи повеќе за заштита на работниците. Израел е во војна со Хамас, а не со народот во Газа“, изјави Генерал-полковник Херзи Халеви, воен началник на Израел.

Илјадници демонстранти и натаму протестираат пред зградата на Кнесетот во Ерусалим, повикувајќи на предвремени избори и договор за ослободување на десетици заложници што од 7-ми октомври се во рацете на Хамас.

 

Маријана Димовска