Сириза потврди дека ќе блокира избор на нов претседател на Грција

19.06.2014 11:49

Грчкиот Парламент во март следната година ќе избира нов претседател на државата. Согласно Уставот, претседателот на Грција се бира од Парламентот во три круга...

Лидерот на најголемата грчка опозициска партија Сириза, Алексис Ципрас потврди дека негова цел се предвремени избори, а тоа ќе се постигне со тоа што ќе се спречи избор на нов претседател на државата од страна на Парламентот.

Грчкиот Парламент во март следната година ќе избира нов претседател на државата. Согласно Уставот, претседателот на Грција се бира од Парламентот во три круга.

Доколку во рамките на таа процедура не биде избран шеф на државата, Парламентот се распушта и се свикуваат нови избори.

Претседателот може да биде избран во првиот круг, доколку добие поддршка од 200, односно две третини од вкупно 300 пратеници во Парламентот.

Партиите од владејачката коалиција во моментов имаат само 153 места, а неможноста да се договорат кој ќе го замени Папуљас, може да претставува голема закана за опстанок на Владата.