Обама повлече црвена линија за Ирак
19.06.2014 11:57
Американскиот претседател, кој се сретна со лидерите на Конгресот во Белата куќа разговараше со нив за состојбата во Ирак, ги продолжува консултациите за ова прашање...

За Барак Обама постои една црвена линија: тој нема да испрати копнени трупи во Ирак, но настрана од тоа, се друго доаѓа во предвид.
Американскиот претседател, кој се сретна со лидерите на Конгресот во Белата куќа разговараше со нив за состојбата во Ирак, ги продолжува консултациите за ова прашање.
„Багдад официјално побара од САД поддршка од воздух против џихадистите од Исламска држава во Ирак и Левант“, изјави кусо по средбата генералот Мартин Демпси, началникот на Здружениот генералштаб на американските вооружени сили. Ова тој го изјави пред сенатска комисија, но не одговори дали Вашингтон ќе одговори на барањето.
„Имаме барање од ирачката Влада за поддршка од воздух. Во интерес на нашата национална безбедност е да се спротивставиме на Исламската држава во Ирак и Левантот, на кој и да е начин“, додаде Демпси.
Американски претставници, кои побараа анонимност изјавија дека ирачкото барање вклучило напади со беспилотни летала и зголемување на американските разузнавачки летови со овие авиони.
