Одбрана

НАТО со план за долгорочна поддршка на Украина, Македонија ќе го зголеми воениот буџет на 2,15% од БДП до 2025-та

03.04.2024 12:36

НАТО планира зголемена долгорочна помош од 100 милијарди евра за Украина, која треба да биде усогласена пред самитот во Вашингтон на 75-годишнината од Алијансата. Шефот на дипломатијата, Бујар Османи, укажа дека и земјава ќе учествува во оваа финансиска помош и дека ќе го зголеми воениот буџет на 2,15% БДП до 2025-тата за да го распореди товарот со сојузниците…

НАТО подготвува план за долгорочна поддршка на Украина со структурите на Алијансата за попредвидлива и поефикасна помош во оружје, опрема и обука на украинските сили. Министрите за надворешни во Брисел треба да одобрат поголема финансиска помош од 100 милијарди евра за Украина која треба што побрзо да биде донирана за справување со руските сили.

„Мора да обезбедиме сигурна и предвидлива безбедносна помош за Украина на долги патеки. НАТО би можел да преземе поголема одговорност за координација на воената опрема и обука за Украина. Сојузниците обезбедуваат 99 насто од целата воена поддршка на Украина. Така, ако направиме повеќе во рамките на НАТО, нашите напори ќе ги направиме поефикасни и поефективни. Москва треба да разбере дека не можат да ги постигнат своите цели на бојното поле“, изјави Јенс Столтенберг-генерален секретар на НАТО.

Шефот на дипломатијата Османи истакна дека земјава ќе го зголеми воениот буџет на 2,15 проценти од БДП до 2025-та за да учествуваат во распоредувањето на товарот во Алијансата. Како земја која е четврта по донации за Украина по глава на жител, ќе учествуваме и во поголемата финансиска помош, изјави Османи.

„Украина е само дел од рускиот империјалистички план којшто им се заканува и на Молдавија, Грузија и на Западниот Балкан. Затоа е потребно синхронизирана акција помеѓу НАТО и ЕУ со акцент на потребата за забрзана европска и евроатлантска интеграција, за да се зачува нашата колективна безбедност“, рече шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи.

Сојузниците со партнерите од ЕУ и пацифичките држави ќе се справуваат со закани со тероризам и кибер-напади. На 75-годишнината од Алијансата на самитот во Вашингтон ќе бидат поканети и партнерите коишто, исто така, ќе донираат финансиска помош за Украина.

Ирина Гелевска