Блиски Исток

Меѓународната заедница со остра критика до Израел поради нападот врз хуманитарни работници

03.04.2024 13:41

Меѓународната заедница со остра критика до Израел поради нападот врз хуманитарни работници во Газа. Иран и Сирија, пак, го вперија прстот кон Вашигтон поради израелскиот воздушен напад врз иранскиот конзулат во Дамаск.Од иранската револуционерна гарда се заканија со смртоносен одговор …

Обвинувања кон САД и Израел во Обединетите нации поради израелскиот воздушен напад врз иранскиот конзулат во Дамаск во кој загинаа 12 лица, вклучително и двајца ирански генерали и член на либански Хезболах. Од Техеран велат дека го задржуваат правото да преземат решителен одговор. Портпаролот на иранската револуционерна гарда вели дека Израел ќе добие „посмртоносни удари“.

„Исламската Република Иран покажа значителна воздржаност, но императив е да се признае дека има граници за таквото трпение. Окупаторскиот режим мора да сноси целосна одговорност за неговите последици“, изјави Захра Ершади, амбасадорка на Иран во ООН.

„Израелските власти немаше да ја извршат оваа агресија да не беше слепата поддршка од САД. Соединетите Држави се целосно одговорни за овие напади“, изјави Кусаи Ал-Дахак, амбасадор на Сирија во Обединетите нации.

„Соединетите Држави немаа вмешаност во пријавениот напад вчера во Сирија, ниту ние знаевме за тоа пред време“, изјави Роберт А. Вуд, заменик постојан претставник на САД во Обединетите нации.

Членовите на Советот за безбедност и меѓународната заедница бараат одговорност од Израел и за нападот врз седуммина хуманитарни работници од организацијата „Светска централна кујна“. И американскиот претседател Џо Бајден упати остра критика до Израел велејќи дека Тел Авив не направи доволно за да ги заштити хуманитарните работници. Од израелската војска отворија истрага, правдајќи го чинот како погрешна идентификација. Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци соопшти дека најмалку 176 нејзини работници се убиени од почетокот на израелските напади врз Појасот Газа.

„Нападот не беше спроведен со намера да им наштети на хуманитарните работници. Тоа беше грешка што следеше по погрешна идентификација ноќе, за време на војна, во многу сложени услови. Ќе продолжиме да преземаме итни активности за да се осигураме дека ќе се направи повеќе за заштита на работниците. Израел е во војна со Хамас, а не со народот во Газа“, изјави генерал-полковник Херзи Халеви, воен началник на Израел.

Илјадници демонстранти и натаму протестираат пред зградата на Кнесетот во Ерусалим, повикувајќи на предвремени избори и договор за ослободување на десетици заложници што од 7-ми октомври се во рацете на Хамас.

 

Маријана Димовска