Партиите не се откажуваат од државните пари за рекламирање
Според директорот на ААВМУ, Трајчевски, ваквиот начин на рекламирање отвора можност за злоупотреби и потенцијална корупција. Вели, во минатиот изборен циклус биле регистрирани обиди се добијат пари од интернет страниците за нешто што не ни било емитувано...

Партиите не се откажуваат од државните пари за рекламирање во медиумите за време на избори. Регулаторните тела со критика оти во Собранието стојат заглавени измените на Изборниот законик, со кои би се ставил крај на буџетското платено политичко рекламирање.
Според директорот на ААВМУ, Трајчевски, ваквиот начин на рекламирање отвора можност за злоупотреби и потенцијална корупција. Вели, во минатиот изборен циклус биле регистрирани обиди се добијат пари од интернет страниците за нешто што не ни било емитувано. Главниот ревизор, Ацевски, вели дека непотребно се троши времето на институциите кога нивните ревизии никој не ги гледа, ниту има санкции за прекршувањата.
За изборното рекламирање во ДИК се регистрирале 300 медиуми. 251 се интернет-страници. Од Државната комисија за спречување корупција и од ЗНМ утврдиле дека некои немаат сопственичка структура и импресум, а дел биле отворени неколку дена пред избори. Како проблем посочено и рекламирањето на социјалните мрежи, кои не подложат на никаква регулација.
На двојните избори 10,6 милиони евра пари на граѓаните ќе легнат на сметките на партиите за рекламирање на изборните кампањи. Законот предвидува по 45 проценти од сумата да ја добијат двете најголеми владејачки и двете најголеми опозициски партии. Седум проценти се наменети за партиите што на претходните избори освоиле пратеничко место, само три проценти се предвидени за вонпарламентарните партии.
Викторија Милевска
