Османи: Политиката на отворени врати на НАТО и проширувањето на ЕУ клучни за справување со руските безбедносни закани
На 75 годишнината од формирањето на НАТО, сојузниците дискутираа за низа значајни прашања, во насока на подготовка на одлуките кои треба да се усвојат на Самитот на НАТО во Вашингтон, кој ќе се одржи во јули 2024 година...

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, кој се одржа во седиштето на Алијансата во Брисел. На 75 годишнината од формирањето на НАТО, сојузниците дискутираа за низа значајни прашања, во насока на подготовка на одлуките кои треба да се усвојат на Самитот на НАТО во Вашингтон, кој ќе се одржи во јули 2024 година.
„Ова е значаен министерски состанок бидејќи заеднички со сите сојузници, тука во седиштето во Брисел, ја одбележуваме 75 годишнината од формирањето на Алијансата. И овој важен јубилеј коинцидира со приклучувањето на Шведска во нашето трансатлантско семејство. Ова е силна потврда дека политиката на отворени врати на НАТО не само што е жива, туку е и зајакната и со силен фокус на сите земји сојузнички“ – рече Османи.
Османи нагласи дека повеќе од кога било претходно, време е за нова динамика во европските и евроатлантските интеграции на земјите од Западен Балкан и дека забрзувањето на овие процеси е клучно за спротивставување на руските намери и консолидирање на целокупната стабилност.
На состанок беа разгледани начините и механизмите за натамошно зајакнување на поддршката за Украина, начините за натамошно продлабочување на соработката на НАТО со партнерите од Индо – пацификот како и за натамошно зајакнување на одвраќањето и одбраната на Алијансата и во таа насока министерот Османи нагласи дека Северна Македонија го постигнала минималниот праг од 2% од БДП за инвестициите во одбраната.
