Директорот на Националната агенција за европски образовни програми на министерски состанок во Брисел

19.06.2014 11:12

На министерскиот состанок учествуваат и високи претставници на Европската комисија и Генералниот директорат за образование и култура...

Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Дарко Димитров  учествува на дводневниот Трет министерски состанок на западно-балканската платформа за образование и обука што е организиран од Европската комисија, а се одржува во Брисел, јавува дописникот на МИА од европската престолнина.

На министерскиот состанок  учествуваат и високи претставници на Европската комисија и Генералниот директорат за образование и култура, од Директоратот за проширување, како и министри и високи преставници од министерствата за образование на Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и на Косово.

Третиот по ред министерски состанок се фокусира на повеќе аспекти од полето на образованието и обуката со акцент ставен на образованието и обуката на наставниците што како приоритет беше дефинирано на претходните министерски состаноци.

За време на овој состанок, директорот на Националната агенција, Димитров ќе има излагање на министерскиот панел каде ќе го потенцира напредокот во сферата на образованието и обуката на наставниците во Република Македонија како и идните чекори што ќе се преземаат со цел зголемување на квалитетот на ова поле. Воедно, тој ќе даде и осврт кон програмата „Еразмус плус” и текот на нејзината имплементација во Македонија која неодамна стана полноправна членка на оваа исклучително важна програма на Европската комисија.