ОЈО не ги потвдува информациите дека лекарот од Железара бил убиен на друга локација
Енигма е кој стои зад убиството на докторот од Железара. Јавното обвинителство не споделува детали, Бојмацалиев вели не е убиен во автомобилот во кој е пронајден. Непрофесионално е да ја загрозува кривичната постапка, реагира Тошковски...

Лекарот од Железара не бил убиен во автомобилот пред поликлиниката каде што е пронајдено телото, туку е ликвидиран на друго место кое дополнително треба да се утврди, вели заменик министерот за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев. Во тек се информативните разговори, за да не ја наруши истрагата не соопштува повеќе детали.
„Имаме материјални докази и кога ќе се соопшти тој детал во јавноста, воопшто не го нарушува натамошниот тек на истрагата, ниту може да има пречки во истрагата. Тоа е дека лицето е убиено на друго место, а не во автомобилот и колегите кои понатаму продолжуваат според овие сознанија што ги имаат со истрагата, се повикуваат уште луѓе на информативни разговори сè со цел да дојдеме до крајната цел наоѓање на убијците“, изјави заменик – министерот за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев.
Техничкиот министер Тошковски, смета дека изјавата на неговиот заменик е несериозна и непрофесионална. Во интерес на истрагата, го повика да се воздржи од споделување детали во јавноста
„Несериозни и непрофесионални изјави, не сум ги слушнал, но ако е така како што велите дека било кажано од страна на било кој функционер, можам само да кажам дека станува збор за несериозна и непрофесионална изјава. И не би можел да навлегувам во детали во однос на сите дејствија кои се преземаат од страна на министерството“, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Истрагата е во тек, убиецот сè уште не е откриен, велат од Обвинителството. И оттаму замолуваат институциите во оваа фаза на постапката да не се споделуваат информации за случајот кои можат да ја загрозат истрагата.
„Откривачката улога во случајот ја има министерството за внатрешни работи, а јавното обвинителство ги издава сите потребни наредби и насоки за откривање на сторител и за целосно расчистување на настанот. Со оглед на тоа што МВР сè уште не идентификувало сторител на кривично дело, јавното обвинителство не е во можност да споделува детали кои можат да ја загрозат постапката“, велат од Основното јавно обвинителство
Телото на 67-годишниот лекар Ацо Трповски пред две недели со девет убодни рани беше пронајден од неговите синови, откако по завршување на работното време не се вратил дома. За убиството полицијата приведе три лица, но беа ослободени поради немање цврсти докази.
Андријана Ѓурческа
