Во Сао Паоло борба на „ранетите лавови“
Англичаните многу полагаат на статистиката, на традицијата! Некои детаљи не им одат во прилог. Во „операцијата Уругвај“ влегуваат без победа во досегашните меѓусебни соочувања на светските првенства...

На инспиративниот мундијалски полигон денеска ќе истрчаат Англија и Уругвај. За двата екс-светски шампиони ова ќе е ден „Д“! Тие се губитниците од првото коло во Д групата.Англичаните со 2:1 беа поразени во европската фудбалска класика против Италија. Резултатската неволја за Уругвајците дојде од Костарика, од нив блиското фудбалско поднебје.Беа поразени со 3:1 токму на тревата во Сао Паоло на која во натпреварот со Англија вечер ќе бидат ковачите на сопствената мундијалска судбина.
Англичаните многу полагаат на статистиката, на традицијата! Некои детаљи не им одат во прилог. Во „операцијата Уругвај“ влегуваат без победа во досегашните меѓусебни соочувања на светските првенства. Во 1954 година во ¼ финалето загубија со 4:2.Имаа шанса за реванш во 1966 на својот Вембли, но не ја искористија.Уругвајците им извлекоа 0:0 на стартот од групната фаза.Малата доза на оптимизам ја внесуваат победничките 2:1 против Уругвај во пријателското надигрување во 2006-та на „Енфилд Роуд“.Има уште една опашка од минатото! Англичаните тешко се креваат по доживеаните порази во првото коло.Од ваквата состојба само четири пати досега успеале да обезбедат пробив во нокаут фазата! Голем дел од мундијалската судбина на „Гордиот Албион“ е во рацете на Рој Хоџсон!Тој е фудбалски стратегот со огромно искуство зад себе,но веројатно и со дилеми.Една од нив е Вејн Руни! Деновиве тој е цел на канонада жестоки критики во англиските медиуми поради неефикасноста,која му се провлекува и во третото негово мундијалско учество!Дали да остане и натаму стрплив со непредвидливото момче од Олд Трафорд? Малку ведрина на челото на англискиот селектор внесе враќањето на младиот Чембрлен на тренинзите со полн интензитет.
И Оскар Табарез, селекторот на Уругвај е во големи грижи. Дали по поразот од Костарика, во обидот за излез од „зоната на самракот“ да го користи сеуште недоволно подготвениот свој јуришник, Луиз Суарез? Ќе ја има ли тој, недоволно залечен цврстината за една ваква битка, ќе може ли да издржи 90 минути на теренот, дали е хумано да се ризикува здравјето на една од најблескавите ѕвезди на светското фудбалско небо...? Со сите овие прашања е соочен Оскар Табарез.А, љубителите на фудбалот се во очекување на исцрпувачката, бескомпромисна битка во Сао Паоло на двата „ранети лавови“!
