Во САД уапсен некогашниот чувар на Аушвиц

19.06.2014 12:49

Тој признал дека на 17 годишна возраст се придружил на СС бригадите, но одрекувал дека бил чувар на Аушвиц во Полска. По војната емигрирал во САД каде што се оженил и имал деца и внуци...

Американската полиција во Филаделфија уапсила 89 годишен старец кој што во текот на Втората светска војна бил чувар во концентрациониот логор Аушвиц.
 
Јохан Брејер, пензиониран механичар, роден во Словачка, од мајка Американка, се појавил за кратко пред судот во Филаделфија зашто му била одбиена кауцијата заради тежината на злосторствата што ги направил.
 
Тој признал дека на 17 годишна возраст се придружил на СС бригадите, но одрекувал дека бил чувар на Аушвиц во Полска. По војната емигрирал во САД каде што се оженил и имал деца и внуци.
 
Германските власти отвориле истрага за него во 2012 година, сомневајќи се дека како чувар на Аушвиц учествувал во масовни погубувања на стотици илјади евреи.
 
Неговиот адвокат, Денис Бојл изјавил дека Брејер е уапсен по налогот на германската влада и дека повторно ќе биде сослушан на 21 август за евентуално да биде предаден на германските власти.
 
Брејер одрекува секаква вмешаност во воени злосторства и вели дека никогаш не бил нацист-изјавил адвокатот Бојл, раскажувајќи дека и самиот бил затвореник во руски логор кон крајот на Втората светска војна. Брејер боледува од деменција и срцеви проблеми.
 
 
Соња Стојановска