НАТО одбележува 75 години постоење
Северноатлантската Алијанса ја одбележува годишнината во време на сериозни глобални предизвици – војната во Украина и зголемената потреба од оружје за Киев да се одбрани од агресијата, како и кризата на Блискиот Исток. Во Брисел се одржува состанок...

Во моменти додека се одвива војна, прва по Втората светска на европско тло, во Брисел се одбележува 75-годишнината од основањето на Северноатлантската алијанса. Роденденската торта на НАТО е пресечена во сенка на руската инвазија врз Украина, што беше аларм земјите-членки да ги збијат редовите, да го зацврстат единството, обединувајќи го Западот против Русија.
„На Северна Америка и треба Европа. Европскиот сојуз обезбедува војска од светска класа, огромни разузнавачки мрежи и уникатна дипломатска потпора, мултиплицирајќи ја моќта на Америка во НАТО. Не верувам само во Америка, исто како што не верувам само во Европа, туку верувам во Америка и Европа заедно во НАТО“, изјави Јенс Столтенберг – генерален секретар на НАТО.
Дводневниот собир во Брисел, се одржува неколку месеци пред клучниот Самит на НАТО во Вашингтон, каде што освен обезбедувањето помош за Украина, меѓу предизвиците со кои ќе се занимава НАТО-сојузот ќе бидат и хибридните закани, растечкиот популизам и лажните вести. На ова особено посочува шефицата на германската дипломатија Бербок.
„Имавме моменти кога Русија работеше со нас, овде во рамките на НАТО за постигнување безбедна Европа. Рускиот претседател го прекина ова на брутален начин, не само со инвазијата врз Украина, туку и со хибридна војна. Се покажа дека оваа хибридна војна се потпира на дезинформации, на поделба на општествата, се потпира на лажни вести и има за цел да ги поткопа демократиите во Европа“, изјави Анабела Бербок – министерка за надворешни работи на Германија.
„Главниот предизвик во моментов е да останеме цврсти, посветени и ефективни во поддршката за Украина. Тоа е поврзано со испораката на оружје и зголемување на нашето производство“, изјави Еспен Барт Еиде – норвешки министер за надворешни работи.
На денешен ден во 1949-та, 12 држави го потпишаа основачкиот договор. Во НАТО до денес се приклучија уште 20 земји-членки. Последни меѓу нив, се Шведска и Финска, кои по војната во Украина, експресно решија да се засолнат под безбедносната гаранција на Северноатлантската Алијанса.
Маја Стојанова
