Избори 2024

Ванковска ја претстави изборната програма

04.04.2024 14:04

Кандидатката за претседател на државата од редовите на Левица, Билјана Ванковска, денеска ја претстави нејзината изборна програма...

Без големи билборди, во скромен дух, но поддршката од граѓаните ќе ја бара со нескромна изборна програма – кандидатката за претседател на државата од Левица, Билјана Ванковска го означи почетокот од кампањата. Вели дека никому нема да му биде здодевно кога ќе ја презентира програмата. Како што рече, ќе понуди визија за една поинаква Македонија.

Ванковска очекува чесна и интересна битка, без да има дилема за што се залага.

„Јас ќе бидам една и единствена меѓу седумтемина која ќе се разликува по тоа што го нуди, по начинот на кој го презентира, аргументите кои ќе ги приложам и визијата за една поинаква Македонија. Во овој материјал ќе ги видите принципите и нештата кои се водилка во целиот изборен процес, но и оној на кој се надеваме дека ќе биде успешен, затоа што уставните норми се едно-тие се ригидни, сувопарни, навидум не даваат многу можности за креација, но убедена сум дека личноста е таа што ја прави институцијата“, изјави Билјана Ванковска – кандидат за претседател од Левица.

Ванковска ги повика граѓаните да ја следат нејзината кампања, да излезат и да гласаат на изборите и да не дозволат политичките партии да ги доведуваат во, како што вели, заблуда дека е ова неважен дел од кампањата и дека главната битка е на 8-ми мај, кога треба да се одржи вториот круг.

Таа вели – граѓаните имаат можност да гласаат за личности, а не за партии.

 

Андријана Ѓурчевска