Пендаровски очекува победа во вториот круг
На отворањето на централниот изборен штаб, Пендаровски најави посета на 65 населени места и средби со илјадници граѓани, на кои ќе им претстави како планира да ја води земјата во наредните пет години...

Актуелниот шеф на државата и претендент за втор мандат во Вила Водно, Стево Пендаровски уверен дека ќе ја однесе победата во вториот изборен круг. Според него, гласовите на 24-ти април ќе бидат поделени меѓу седумтемина кандидати за претседател на државата.
На отворањето на централниот изборен штаб, Пендаровски најави посета на 65 населени места и средби со илјадници граѓани, на кои ќе им претстави како планира да ја води земјата во наредните пет години.
„Јас мислам дека контекстот изминативе 5 години малку се има изменето и регионалниот и внатрешниот, се разбира и меѓународниот со војната во Украина и дека би требало да ги кажам и новелирани моите ставови по некои прашања кои имаат посебна специфична политичка динамика. Очекувам дека во првиот круг, бидејќи има многу кандидати како никогаш до сега во македонската историја, гласовите ќе се поделат на повеќе страни и не очекувам дека некој има било каква шанса да добие во првиот круг. Меѓутоа во вториот круг очекувам да влезам и да ги добијам изборите на крајот“, изјави Пендаровски.
Пендаровски рече дека ако ја добие довербата од граѓаните, во наредните пет години ќе продолжи да работи за плата, а не за проценти, ќе ги третира сите граѓани на еднаков начин, независно од етничката припадност или партијата за којашто гласаат.
Викторија Милевска
