Османи ја стартуваше изборната кампања
Во текот на следниве 20 дена Османи ќе ги претстави плановите како во наредните пет години Македонија ќе стане дел од европското семејство...

Со надеж дека ќе заврши како претседател на земја – членка на ЕУ, претседателскиот кандидат на ДУИ, Бујар Османи ја стартуваше изборната кампања. Според него државата се наоѓа пред крстопат-европска иднина или изолација. Во текот на следниве 20 дена Османи ќе ги претстави плановите како во наредните пет години Македонија ќе стане дел од европското семејство. Тој уверува дека го има потребното искуство, контактите и кредибилитетот во центрите на одлучување.
„Позади мене стои најголемиот мултиетнички европски фронт, коалиција од девет партии, нова платформа којашто е произлезена од Рамковниот договор, чијашто цел е на овој крстопат да го задржи евроатлантскиот курс, да ја задржи меѓуетничката хармонија во државата, да ги зачува меѓусоседските односи и се разбира, да го заврши евроинтегративниот пат за Северна Македонија да стане членка на Европската унија до 2030 година. Затоа овие избори не се обични избори, туку се народен референдум којшто ќе ја определи иднината на оваа држава“, истакна Османи.
Датумот 4-ти април, на кој ја почнува кампања од пред претседателската вила „Водно“, која ќе ја води под слоганот „Искуство, чесност, посветеност“, ја поврза со четиригодишнината од членството на земјава во НАТО, како симболика дека е на вистинскиот пат.
Марина Тонева- Стојанова
