Полицијата сè уште трага по напаѓачот во Арачиново
Во интерес на истрагата, полицијата не соопштува детали за вооружениот инцидент. Министерот Тошковски потврди, од двете приведени лица, едниот осомничен е ослободен, другиот е приведен, против него имало меѓународна потерница поради учество во терористички организации.

Полицијата петти ден трага по напаѓачот кој со автоматска пушка пукаше во градоначалникот на Арачиново, а двајца негови соработници завршија со прострелни рани. Во интерес на истрагата не соопштува детали за вооружениот инцидент. Министерот Тошковски потврди, од двете приведени лица, едниот осомничен е ослободен, другиот е приведен, против него имало меѓународна потерница поради учество во терористички организации.
„Тие што комуницираат со јавноста да внимаваат што говорат, да внимаваат кои информации ги изнесуваат и да се фокусираат на интересот на јавноста, да не ја лажат јавноста, но истовремено да не кршат закон во делот на издавање одредени информации што би можеле да ја нарушат истрагата“, нагласи министерот Тошковски.
Од МВР тврдат состојбата во земјава е стабилна, полицијата е подготвена да спроведе фер и демократски изборен процес. Тошковски најави дека особено внимателно ќе се следи тетовскиот регион, бидејќи нов началник на СВР Тетово е назначен само еден месец пред тој да ја преземе функцијата министер, а според него станува збор за партиски кадар.
Андријана Ѓурческа
