Економијата на Југоисточна Европа го следи македонскиот модел!

19.06.2014 14:31

Завршен е процесот на придружување кон Европската унија со политички пристап, националните економии на 7-те земји од регионот, меѓу нив и нашата, ќе мораат да работат на економски начин да се доближат до земјите од Европската унија. Стратегијата на развој 2020 секоја година ќе се ревидира поединечно за секоја земја за која ќе бидат одговорни националните координатори, изјави во Букурешт генералниот секретар на регионалниот совет за соработка, еден вид мини Европска влада на Југоисточна Европа...

Економскотo будење на Југоисточна Европа (ЈИЕ) е главната тема на состанокот на Регионланиот совет за соработка (РСС) којшто побуди огромен интерес меѓу зeмјите членки во Букурешт. Перспективата на овој дел од Европа е отворање на нови работни места и просперитет. Од идната година, сите земји треба да посочат до каде е спроведена стратегијата 2020 востановена во 2011-та година. Зашто како што рекоа од Европската комисија, нема стабилност во ЈИЕ без економска стабилност на Балканот.

„Нам ни е важна стабилноста на регионот кој треба да се приклучи кон ЕУ. Тоа ќе го направиме во тесна соработка со организацијата за економска соработка и развој, потпомогната од Европската унија. Некои веќе имаат, некои од владите ќе мора до 2015-та да подготват план за економски реформи“, смета Кјартан Бјонсон, заменик директор за проширување на Европската комисија.

Од 2011-та македонската влада ги спроведува реформите кои се изразени во привлекувањето странски инвестиции и отворање работни места, сметаат нашите претставници на собирот на РСС кој обединува 47 земји и институции во светот.

„Целта на овој собир е да се создадат развојни политики во однос на инвестициите и трговијата“, рече Блерим Златку, државен советник Министерството за економија на Македонија.

Од 2008-та регионот којшто има жители приближно исто колку и Бенелукс, загубил 800 илјади работни места. Кризата ја урнисала економијата, смета првиот човек на РСС, но македонскиот пример е исклучок.

„Ова е најдобар пример кога е во прашање отвореноста на економијата и брзината- колку брзо може инвеститорот да отвори бизнис. Тоа е само за честитање“, нагласува Горан Свилановиќ,  генерален секретар на Регионалниот совет за соработка.

Секако и политичкиот момент во Југоисточна Европа ќе има соодветна улога во решавањето на поблиската соработка која е предуслов за приклучување кон Унијата и будење од долгогодишната економска заспаност.

Зоран Богатинов, специјален известувач од Букурешт за МРТ