ИЈЗ

50 нови случаи на голема кашлица регистрирани во земјава изминатава недела

05.04.2024 20:02

Новозаболените се на возраст од еден месец до 52 години, а најголем дел се лица до четири години...

Вкупно 50 нови случаи на голема кашлица се регистрирани во земјава изминатава недела, што е намалување од 21,9 отсто во споредба со претходната седмица, информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ)

Најголем дел од новозаразените, вкупно 34, се во Скопје, а нови случаи се пријавени и во Битола, Тетово, Гостивар, Кратово, Велес и Гевгелија. Новозаболените се на возраст од еден месец до 52 години, а најголем дел се лица до четири години.

Како што информираат од ИЈЗ, во однос на вакциналниот статус на заболените, 16 лица се комплетно вакцинирани, шест се вакцинирани согласно возраста и 28 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус.

Заклучно со 4-ти април, во земјава се регистрирани вкупно 399 нови случаи на голема кашлица со инциденца од 21,7/100 000 жители.

Заболените се на возраст од еден месец до 78 години. Од вкупниот број на заболени, хоспитализирани се 58 лица. Најголем дел од нив, или 49, се деца на возраст до четири години.