Дигитализација на творештвото на Анте Поповски во Градската библиотека во Скопје
ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје потпиша договор со Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски „Антево перо“, за добивање дигитализирани материјали од неговиот опус, како и правата за дигитализација на книги и некнижен фонд од неговата приватна архива...

ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје потпиша договор со Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски „Антево перо“, за добивање дигитализирани материјали од неговиот опус, како и правата за дигитализација на книги и некнижен фонд од неговата приватна архива.
„Целокупното творештво и дејност на великиот Анте е од непроценливо значење за македонската култура и сметаме дека како институција сме должни да го заштитиме и промовираме денес, но да го оставиме достапно и за идните генерации. Нашите ресурси и знаење, посебно Одделот за дигитализација, годинава, меѓу другото, го ставаме во функција на преземање дигитализирани единици или дигитализирање нови во координација со Здружението „Антево перо“. Силно веруваме дека творештвото на Анте допрва ќе се истражува и анализира од повеќе аспекти и во повеќе научни области“, истакна директорката на библиотеката, Снежана Стојчевска.
Дигитализираните единици ќе се поставуваат на платформата Дигитална библиотека во посебна секција. Во првата фаза, предвидено е поставување дигитална верзија од книгите: „Одблесоци“, „Вардар“, „Непокор“, „Камена“, „Тајнопис“, „Љубопис“, „Сина песна“, „Глас од дамнина“, „Провиденија“, „Света песна“ и „Две тишини“. Исто така, ќе бидат поставени и фотографии од личниот и професионалниот пат на Анте, почнувајќи од најстарата зачувана фотографија од 1932 година на која тој има само една година и е заедно со родителите. Во делот со преписките ќе бидат поставени дигитализираните верзии од коресподенциите со двајца добитници на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата Рафаело Алберти (1979) и Хусто Хорхе де Падрон (1990), меѓу другото многу значајни и за македонскиот јазик и идентитет.
Договорот за дигитализација на творештвото на Анте Поповски се совпаѓа и со два големи јубилеја 60 години од објавувањето на неговата книга „Непокор“ и 40 години од објавувањето на „Сина песна“.
