Трет ден предизборна кампања за претседателските избори
Седумтемина кандидати на средби со граѓаните ќе ја претставуваат програмата со која бараат доверба...

Трет ден кампања за претседателските избори. Седумтемина кандидати на средби со граѓаните ќе ја претставуваат програмата со која бараат доверба.
Кандидатот за претседател од СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски денеска ќе одржи митинзи во Македонски Брод и Кичево. Претендентот на ДУИ и коалицијата, Бујар Османи ќе учествува на дебата „Задржување на младите во земјава“ во Тетово.
Кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова во Демир Капија, Неготино и Кавадарци. Кандидатката на Левица, Билјана Ванковска пак, на средба со граѓани во Прилеп. Претендентот за претседател од ЗНАМ, Максим Димитриевски ќе се сретне со жителите на Валандово, Богданци, Дојран и Гевгелија.
Претседателскиот кандидат на коалицијата ВРЕДИ, Арбен Таравари ќе учествува на одбележувањето на Меѓународниот ден на спортот во градскиот парк. Кампањата ја продолжува и кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски.
Вчера кандидатите за претседатели со низа пораки од митинзите, средбите со граѓани и прес-конференциите. Силјановска-Давкова порача, мора да ги почитуваме темелните вредности и уставниот поредок. Претседателот да се избира во Собрание со двотретинско мнозинство гласови-вели Таравари. Време е да се врати достоинството на нацијата-порача Ванковска.
Јакимовски со порака, кандидат сум на граѓаните, не продолжена рака на политичките партии. Пендаровски испрати порака дека нужно е да се направи целосен ветинг на сите судии и обвинители, но и на политичарите. Османи посочи дека железната врата на Европската унија е отворена, усвојувањето на уставните измени веднаш по изборите е неопходно. Димитриевски посочи дека ќе се залага за департизација на безбедносната и дипломатската сфера.
