Македонија

Куманово: Нема решение, ниту стационар за бездомни кучиња

06.04.2024 11:18

Нема решение, ниту пак стационар за бездомни кучиња во Куманово. И овој град како и останатите низ земјава се соочува со овој проблем. Во полициските билтени чести се пријавите за нападнати граѓани...

Сè уште нема решение за проблемот со бездомните кучиња во Куманово. Ги има во сè поголем број во централното подрачје, но и во населбите. Често и во полициските билтени може да се забележат пријави за нападнати граѓани.

Од општинскиот буџет и годинава се одвоени над милион денари на годишно ниво за заловување. Акциите ги спроведува ветеринарно сточарскиот центар „Тодор Велков“. Оттаму информираат дека истражувањата покажале дека дури 90 отсто од бездомните кучиња кои се наоѓаат низ улиците во Куманово, се напуштени од нивните сопственици. Според нив мора да се работи за кревање на свеста за вдомување животни. Но неопходни се и санкции за оние кои ги напуштаат милениците и исфрлаат легла во околината на градот.

„Многу е подобро да се вдоми куче, наместо нашите екипи да ги заловуваат, кастрираат и враќаат на улица. Најголем процент од бездомните кучиња се социјализирани и можат да се вклопат во нечиј дом“, изјави ветеринарот Зоран Пешевски.

Општината и Ветеринарниот центар претходните години организираа акции за вдомување на кучињата. Активистите за грижа на животни, пак постојано повикуваат дека е неопходно општината да изгради стационар за згрижување на бездомни кучиња.

Локалните власти, политичките партии, во секој изборен циклус ветуваат дека ќе преземат мерки. Но, решение на овој проблем, сè уште нема.

Засега постои само прифатилиште одобрено за Агенцијата за храна и ветеринарство, каде што се транспортираат и третираат заловените кучиња.

Елена Георгиевска