Србија

Осомничените за убиството на малата Данка во притвор, уапсени уште две лица

06.04.2024 12:03

И денес продолжува потрагата по телото на убиената двегодишна Данка Илиќ од Бор. На двајцата осомничени за убиството одреден им е притвор, а утринава се упасени уште две лица поврзано со злосторството…

Братот и таткото на педесетгодишниот Д.Д. еден од осомничените за убиството на двегодишната Данка Илиќ од Бор, се уапсени под сомнение дека му помогнале да го скрие телото на девојчето. Ним им е одреден притвор до 48 часа.

Синоќа Вишото јавно обвинителство во Заечар соопшти дека донело наредба за спроведување истражна постапка против осомничените Ј.С. и Д. Д., поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело тешко убиство во соизвршителство.

Се наведува дека осомничените биле сослушани во обвинителството, дека во таа прилика Д.Д. во целост го признал извршувањето на делото, додека Ј.С. се бранел со молчење. Тие се осомничени дека со автомобил го удриле девојчето, а потоа се договориле да го фрлат телото на детето. Уапсените го признале делото и изјавиле дека телото на девојчето е на депонија.

Според министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ, има сознанија дека еден од осомничените го префрлил телото на друга локација.

За телото на девојчето и денес се трага, а вчера истрагата беше на местата од каде потекнуваат осомничените, како и на депонијата на стариот пат за Бањско. Пребарана е и фармата на дедото на еден од осомничените.

Борчани спонтано се собираат на градскиот плоштад кај Домот на културата, палат свеќи и оставаат цвеќе, а цела Србија сè уште е во шок од настанот.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ