Половина година војна во Газа, продолжуваат преговорите за прекин на огнот
Половина година војна во Газа. Во Каиро, продолжуваат преговорите за прекин на огнот. Расте притисокот врз Нетанјаху за нападот во којшто загинаа седуммина хуманитарни работници. САД не планираат независно да го истражат случајот, но бараат вакво нешто повеќе да не се повтори. Тел Авив се правда – станува збор за огромна грешка којашто е резултат на погрешна идентификација. Отпуштени се високи офицери, одговорни за операцијата…

Во израелски воздушни напади разнесено седиштето на движењето Амал во Јужен Либан-клучен сојузник на Хезболах. Експлозиите доаѓаат во момент на зголемени тензии меѓу Израел и Иран. Една искра може да го разгори регионот-предупреди Хезболах.
„Хезболах е подготвен емотивно, психолошки и воено со доволно сила да одговори на каква било војна доколку непријателот ја почне со Либан, за што би зажалил“, рече Хасан Насрала, лидер на Хезболах.
САД и Израел на готовс во исчекување на одмаздничкиот одговор на Техеран за нападот во Дамаск.
„Напаѓаме таму каде што ќе одлучиме. Нашиот напад е силен и прецизен, го погодува непријателот, кој бара начини да се одмазди. Ние сме подготвени да се соочиме со тоа“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.
Растат тензиите и во Ерусалим. Израелската полиција уапси неколкумина кои скандираа за Хамас во џамијата Ал-Акса. Во Газа ситуацијата непроменета. Борбите продолжуваат, гладот останува.
„Умираме да ги нахраниме нашите деца. Ова е она што го донесов, еден оброк“, изјави Мохамад Насер, раселен од Газа.
„Оние кои не умираат во бомбардирањето, умираат кога одат да донесат пакет брашно или помош“, изјави Абу Ахмад, раселен од Газа.
По притисокот на САД, отворени повеќе премини за помош на северот на газа. Вашингтон го разгледува израелскиот извештај за истрагата за загинатите хуманитарци. Не планира независно да го истражи случајот, но бара вакво нешто да не се повтори.
„Го разгледуваме внимателно извештајот. За нас е важно вакво нешто да не се повтори“, нагласи Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на САД.
Тел Авив се правда дека случајот е огромна грешка и резултат на погрешна идентификација по што отпушти високи офицери одговорни за операцијата.
„Војниците не биле свесни дека тоа се возила на хуманитарците, биле сигурни дека целта е Хамас. Голем број вооружени лица влегле во автомобилите кои биле идентификувани, но откако дел од нив се разделиле од другите, помислиле дека тоа се возила на Хамас во кои влегле вооружените лица“, рече Даниел Хагари, портпарол на војската на Израел.
Додека земјите што ги загубија граѓаните чекаат одговори, „Светската централна кујна“ бара независна истрага.
Бојана Крстевски
