Избори 2024

Трет ден кампања, кандидатите на терен

06.04.2024 13:54

Трет ден кампања за претседателските избори. Седумтемина кандидати секојдневно се на средби со граѓани, митинзи, дебати, за претставување на нивните програми и приоритети...

Митинзи, дебати, средби со граѓани, прес- конференции. Трет ден од изборната кампања, кандидатите за претседател на државата растрчани во обид да ја презентираат својата програма и да понудат нешто што е поразлично од нивните противници. И топлото време е на нивна страна.

Кандидатот поддржан од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски, денеска ќе ги посети Македонски брод и Кичево, додека пак кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска- Давкова која ја промовира кампањата под слоганот „Твоја Македонија“, ќе ја претстави изборната програма пред жителите на Демир Капија, Неготино и Кавадарци.

Нејзината колешка, професорката Билјана Ванковска од Левица, најави средби со граѓаните во Прилеп и Демир Хисар, а градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски од движењето ЗНАМ, ќе одржи говор пред граѓаните на Валандово, Богданци, Дојран и Гевгелија.

Карванот на Стевчо Јакимовски денеска е укотвен во Крушево.

Набиена агенда и во албанскиот политички блок. Бујар Османи, поддржан од интегративците на Ахмети ќе учествува во дебата насловена „Задржување на младите во земјава“ која ќе се одржи во Тетово, додека Арбен Таравари кој во претседателската трка влегува со поддршка на здружената албанска опозиција, ќе учествува во одбележувањето на Меѓународниот ден на спортот во Градскиот парк во Скопје.

Известува Анита Димитријевска-Велковска