Гала оперски концерт за почеток на „Скопско лето“

19.06.2014 15:04

По два дена почнува престижната културна манифестација „Скопско лето 2014“. Ќе внесеме еден нов културен урбан немир во градот, најавија организаторите...

Со гала оперски концерт на Македонската опера и балет задутревечер, на Светскиот ден на музиката и на почетокот на летото, ќе почне 35-тата летна културна манифестација „Скопско лето“.

Покрај свеченото отворање во МОБ, на првиот ден од фестивалот во Мала станица ќе биде претставен мултимедијалниот проект на Гоце Наневски - „Мо(ну)мент“ и целодневен настап на улични музичари во организација на Универзалната сала.

Традиционално, „Скопско лето“ ќе трае до крајот на јули, а и оваа година ќе понуди богата  програма со многу настани од различни сегменти на културата. Организаторот - Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, денеска на прес-конференција ја соопшти програмата.

Директорот Мирко Стефановски рече дека во изминатите 35 години на „Скопско лето“ имало над 2.200 настани, а од него се израснати и други манифестации како „Блуз и соул“, „Есенски музички сцечености“, како и фестивали во други градови низ Македонија.