Четврти ден од изборната кампања

Претседателските кандидати продолжуваат со промоција на програмите

07.04.2024 09:25

Четврти ден од изборната кампања, кандидатите за претседател на државата растрчани во обид да ја презентираат својата програма и да понудат нешто што е поразлично од нивните противници...

Митинзи, дебати, средби со граѓани, прес-конференции. Четврти ден од изборната кампања, кандидатите за претседател на државата растрчани во обид да ја презентираат својата програма и да понудат нешто што е поразлично од нивните противници.

Кандидатот поддржан од СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски денеска во посета на Дебарца, Вевчани, Струга и Охрид. Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, која ја промовира кампањата под слоганот „Твоја Македонија“, ја претставува изборната програма пред жителите на Зрновци, Виница и Кочани.

Професорката Билјана Ванковска од Левица, најави средби со граѓани во Ѓорче Петров и во Тетово. Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски од движењето ЗНАМ, ќе одржи говор пред граѓаните на Струга и на Охрид. Караванот на градоначалникот Стевчо Јакимовски од ГРОМ, денеска е во Ѓорче Петров.

Набиена агенда и во албанскиот политички блок. Бујар Османи, поддржан од интегративците на Ахмети, на средба со граѓани во Теарце, Јегуновце и Радуша. Додека Арбен Таравари, кој во претседателската трка влегува со поддршка на здружената албанска опозиција, ќе има средби со граѓани во Тетово.

Евро-атлантските интеграции и меѓуетничките односи се клучни стратешки континуитети за демократска и просперитетна држава, смета кандидатот од коалицијата на СДСМ, Стево Пендаровски. Интеграција во Европската унија, со почитување на меѓународното право, на националните и на државните интереси, вети кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Гордана Силјановска-Давкова.

Вратата на европската унија е отворена, уставните измени треба да се усвојат веднаш по изборите-ова е ставот на кандидатот за претседател од коалицијата на ДУИ, Бујар Османи. Кандидатот на здружената албанска опозиција ВРЕДИ, Арбен Таравари рече дека ќе бара гаранции од европските политичари дека ќе нема нови условувања на европскиот пат, како и динамика за уставните промени.

Претендентката за претседател од Левица, Билјана Ванковска од градот под Марковите кули порача дека на Македонија не ѝ треба инвестирање во туѓи војни. Кандидатот за претседател од движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, на средба со жителите од Богданци, Дојран и од Гевгелија, порача дека правда мора да има за сите, а негова заложба е пензионерите да добијат тринаесетта пензија. Чекањето за влез во ЕУ не може да биде бесконечно, а за македонскиот јазик и идентитет не може да се преговара-е пораката на кандидатот за претседател од ГРОМ, Стевчо Јакимовски, кој имаше средби со крушевчани.