Груевски: Главна водилка е добробитта на граѓаните

19.06.2014 15:17

Мандатарот на новата влада вети раст на бруто домашниот производ до 4,5%, како и креирање нови 64 илјади работни места...

Врвни приоритети на новата Влада се пет стратегиски цели меѓу кои зајакнување на Економијата преку зголемен економски раст и моќта на граѓаните, порача во обраќањето пред пратениците мандатарот Никола Груевски. Тој вети раст на бруто домашниот производ  до 4,5%, како и креирање нови 64 илјади работни места.

Груевски во денешното експозе пред пратениците во Собранието на Република Македонија на седницата на која треба да биде избрана новата влада посочи дека главна водилка ќе им биде добробитта на граѓаните, развојот на Република Македонија и за таа цел ќе работат посветено, чесно, искрено и транспарентно.

Мандатарот најави мерки за поддршка на домашните компании, инвестиции во градежништвото и инфраструктурата, зголемување на платите, пензиите, постојаната и социјална парична помош за 21,5 проценти за четири години, нови 64 илјади работни места, а со тоа, како што рече, намалување на невработеноста од сегашните 28,4 на 22 проценти, зголемување на износот на минимална плата, мерки за помош и поддршка и вработување на самохрани родители, деца без родители, стечајци, намалување на ДДВ за одредени производи, 600 милиони субвенции за земјоделците, инвестиции во енергетскиот сектор.

Приоритети во надворешната политика, истакна Груевски во експозето, се членството во НАТО, отпочнување на преговорите и членство во ЕУ, надминување на наметнатиот спор од Грција во врска со уставното име на Република Македонија.

Во однос на политичкиот спор кој Грција го наметна за уставното име на нашата земја, Владата е подготвена да го продолжи грчко-македонскиот дијалог врз основа на веќе утврдената стратегија и принципи. Владата нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име на Република Македонија и нема да прифати идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик. Владата нема да дозволи кое било решение за спорот кој го наметна Грција да биде прифатено без претходно за тоа да се изјаснат граѓаните на референдум, а притоа мнозинството од граѓани кои ќе излезат на тој референдум да се согласат со можното решение, истакна тој.

Владата која ја предлага, рече Груевски, е комбинација на младоста, но, како што рече, и на сериозно искуство - професионалци со висок личен интегритет, со исклучителни човечки вредности и принципи кои почиваат на етиката како основа, кои се подготвени да ја вложат целата своја енергија во прогресот на Македонија.