Избори 2024

Димитриевски: Македонија мора да продолжи по патот на европските интеграции, но не по секоја цена

07.04.2024 16:12

Кандидатот за претседател од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, денеска е во Вевчани, Струга и во Охрид, откако се претстави во повеќе општини на југоистокот од земјава. Тој се залага за модифицирање на преговарачката рамка со Европската унија…

Недозволиво е како народ и држава да бидеме негирани, ние постоиме во континуитет и како нација со свој јазик, сопствена историја, култура и тоа е одраз на заложбите на нашите предци, истакна кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски во Струга.

Следната политичка елита треба сериозно да се посвети на преговарачката рамка со ЕУ и решавање на билатералното прашање на релација Скопје-Софија, порача Димитриевски.

„Согласно мојата предизборна програма ќе работам на концептот да се формира едно независно тело од стручни експерти од ЕУ коишто покрај тоа што треба да се посветат на работење и анализа на сите пресуди од Стразбур против Р. Бугарија за обесправеноста на македонските организации таму, потпомогнати со наши домашни експерти да поработат и на времената рамка којашто е во сила во моментот и нејзина адаптација на општо прифатливите услови во Македонија“, вели Димитриевски.

Македонија мора да продолжи по патот на европските интеграции, но не по секоја цена, во ЕУ треба да влеземе со крената глава, рече Димитриевски, кој вети доколку ја добие поддршката од граѓаните ќе понуди на сите политички партии да потпишат Национална платформа за чување на македонските национални интереси.

Соња Рилковска