Ќе има доволно вода за сеидба на оризот
Вештачките акумулации Калиманци и Гратче кои се дел од хидросистемот Брегалница, се подготвени за новата сезона. Полни се со вода до максимум, со што планот за наводнување и почетокот на сеидбата на оризот се очекува да почнат навреме и без проблеми …

Сезоната за наводнување и официјално треба да почне на 20-ти април, а од оваа недела ќе се зафаќаат проточните води од реките во кочанскиот регион и ќе почне полнењето на нивите најавуваат од кочанското водостопанство „Брегалница“. Оптималните рокови ќе бидат запазени и сеидбата на оризот и на другите земјоделски култури во источниот регион ќе стартува навреме.
Во браната досега се акумулирани 103 милиони кубни метри вода, а просечниот доток од реката Брегалница е четири кубни метри во секунда, со што се обезбедени близу 90 отсто од максималниот капацитет на акумулацијата. Се очекува и дополнителен прилив на вода од снегот од околните планински врвови.
Кон крајот на април во каналите ќе биде пуштена водата од акумулацијата Калиманци, а во првите недели за полнење на оризовите ниви ќе се користат проточните води од реките.
Механизација на водостопанското претпријатие е ангажирана на расчистување и обновување на каналската мрежа и досега се исчистени околу 200 километри канали во атарите на четирите општини во кочанскиот регион.
Направен е и планот за наводнување и со ориз ќе бидат засеани повеќе од 3.700 хектари.
Методија Трајков
