Напредок во преговорите за примирје во Газа
Палестинците се враќаат во Кан Јунис по повлекувањето на израелската војска. Во Каиро напредок во разговорите за примирје во Газа. во Израел протести, се бара оставка од Нетанјаху.

Израелската војска објави дека завршила клучна фаза од копнената офанзива во Појасот Газа. Силите се повлекоа од Кан Јунис. Палестинците кои го напуштија градот од почетокот на офанзивата се надеваа дека ќе можат да се вратат во своите домови, но најдоа град во урнатини.
„Дојдовме да видиме што се случи со куќата, но не најдовме куќи. Не можеме да живееме овде“, изјави раселен од Кан Јунис.
„Не успеавме да ја најдеме нашата куќа, за жал не најдовме ништо“, изјави раселен од Кан Јунис.
„Сакав да видам дали останало нешто од куќата. Немаше скали до третиот кат, па брат ми се качи и ми донесе некои работи, летна облека за децата“, изјави раселен од Кан Јунис.
Израелските воени претставници велат дека ќе закрепнат и ќе се подготват за идните операции. Тел Авив не отстапува од елиминација на последното упориште на Хамас, во најјужниот град Рафах.
„Војната во Газа продолжува и ние сме далеку од запирање. Шефовите на Хамас сè уште се кријат, ние ќе стигнеме до нив, порано или подоцна. Имаме планови и ќе дејствуваме кога ќе одлучиме“, изјави Херзи Халеви, началник на Генералштабот на Израел.
Повлекувањето од Кан Јунис е загрижувачко прашање, став на ООН. Организацијата очекува масовна миграција по најавениот упад во Рафах.
„Ние мора да бидеме подготвени за можноста луѓето да го напуштат Рафах, бидејќи има многу малку места каде што можат да одат. Навистина немаме капацитет, ресурси и способност во моментов“, изјави Џејми Мек Голдрик, координатор на ООН за мировниот процес на Блискиот Исток.
Во израелските градови продолжуваат антивладините протести. Демонстрантите бараат оставка од Нетанјаху и враќање на заложниците. Преговорите за прекин на огнот во Каиро имаат напредок, објавија египетските медиуми. Од друга страна, Иран се закани дека сите израелски дипломатски претставништва во светот би можеле да станат мета на одмазднички напади. По минатонеделниот напад на иранската амбасада во Сирија, иранските медиуми објавија список на ракети што може да досегнат до Израел.
Маријана Димовска
