Избори 2024

Пендаровски: Членството во ЕУ и меѓуетничките односи клучни за демократска и просперитетна држава

08.04.2024 12:19

Земјава може да продолжи кон Европската унија само со сегашната политичка структура, бидејќи е политичка опција што знае што подразбира Европска унија, ова на митингот во Охрид го рече Стево Пендаровски, кандидат за претседател на државата поддржан од СДСМ и коалицијата...

Пред седум години ветивме дека Македонија ќе ја направиме членка на НАТО и тоа го остваривме. Направен е и огромен исчекор кон членство во ЕУ, но тој пат го блокираше нашиот источен сосед, кој постапи комплетно антиевропски. Ова, на митингот во Охрид го рече кандидатот за претседател од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски, посочувајќи дека со тоа лесно ќе се изборевме доколку немавме опозиција која, де факто, ги поддржува тие антимакедонски позиции.

„Ние ја вративме Македонија на мапата на Европа затоа што покажавме дека сме стратешки партнери и со САД и со најголемите држави во Европската унија, И токму затоа, дојдовме на чекор од практично преговарање откако ја отворивме првата конференција. Јас се надевам дека на 24-ти и на 8-ми, огромно мнозинство од македонските граѓани ќе каже „не“ на овие авантуристички концепти кои нудат само политичка магла или мачка во вреќа. Кога не ви кажуваат за што ќе се залагаат и како ние можеме да продолжиме напред, кога велат дека ние ќе ги репреговараме сите договори кои ја направија Македонија ова што е денес, стабилна и почитувана во Европа и светот, тогаш на тие луѓе верба давање, глас давање не треба да има“, рече Пендаровски.

Пендаровски од Охрид, го обнови барањето за одржување на дебата помеѓу сите кандидати за претседател, посочувајќи дека уште пред 20 дена предложил мастер дебата која кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ најпрво ја прифатила, па ја откажала.

 

Сашо Нелоски