Вархеји: По изборите ќе ги забрзаме преговорите
Во Софија Самит ЕУ – Западен Балкан. Челниците го повторија ставот дека се подготвени да отворат преговори со земјава доколку ги исполни условите за уставните измени. Бугарија вели нема да има дополнителни барање ...

Го завршивме скрининг-процесот, подготвени сме да отвориме поглавја со Албанија, и штом ги исполни условите и со Северна Македонија, изјави еврокомесарот за проширување Вархеји на форумот ЕУ-Западен Балкан во Софија.
„Подготвени да го продолжиме процесот со Северна Македонија штом се исполнат сите критериуми. Се разбира чекаме на изборите во земјата, но се надевам дека веднаш потоа ќе можеме да ја забрзаме работата и со нив“, изјави Оливер Вархеји, еврокомесар за соседска политика и проширување.
Европските лидери ја потврдија подготвеноста на ЕУ да го направи следниот чекор во интегративниот процес официјално да бидат отворени преговорите со Северна Македонија, веднаш штом ја исполни обврската за уставни промени, изјави шефицата на бугарската дипломатија Габриел.
„Ве уверувам дека Бугарија останува јасна и доследна во својата позиција дека нема да има дополнителни услови покрај веќе утврдените елементи договорени во јули 2022-та“, изјави Марија Габриел, министер за надворешни работи на Бугарија.
Проширувањето е еден од трите приоритети на претстојните европски избори.
Ирина Гелевска
