Избори 2024

Карванот на движењето ЗНАМ на средби со охриѓани

08.04.2024 12:22

По Вевчани и Струга, карванот на движењето ЗНАМ денес на непосредни средби со охриѓани. Кандидатот за претседател Максим Димитриевски рече граѓаните бараат нови алтернативи, црно-белиот свет треба да добие и поинакви бои.

Карванот на движењето ЗНАМ денес на непосредни средби со граѓаните на Охрид. Кандидатот за претседател Максим Димитриевски рече граѓаните бараат нови алтернативи, црно-белиот свет треба да добие и поинакви бои. Граѓаните се жалат на владеењето на правото, неказнивост, недостаток на уреден систем за институционално решавање на проблемите, селективна правда и лошата финансиско социјалната состојба, рече Димитриевски.

„Проблемите насекаде се исти во Македонија. Во рамки на нашата програма и мојата програма како претседателски кандидат има голем број решенија коишто ги нудиме и ќе ги реализираме нема да останат само зборови на хартија. Едно од најбитните е дека Македонија ќе добие претседател од граѓаните којшто нема да биде во функција на политичките субјекти, туку првенствено ќе ги штити граѓанските интереси. Со тоа што никогаш нема да дозволам од таа позиција да потпишам закон или каков било друг акт којшто е спротивен на волјата на граѓаните и секогаш истиот ќе добие Вето и ќе биде вратен на повторно разгледување“, истакна Максим Димитриевски кандидат за претседател на државата од Движењето ЗНАМ.

Верувам дека граѓаните ќе го препознаат концептот на движењето ЗНАМ, рече Димитриевски, кој додаде дека со дадената поддршка, конечно граѓаните ќе добијат претседател на државата од своите редови, човек кој е од самите граѓани не должи никому, на ниту еден политички субјект.

 

Соња Рилковска