Дождовите го раздвижија земјиштето на Водно

19.06.2014 16:28

Земја навлегува во куќите над кои нема потпорни ѕидови. Перо Блажевски, веќе 60 години живее во подножјето на Водно. Вели сите знаат дека земјиштето се лизга, а постојано никнуваат нови згради...

Вознемирувачка слика во дворот на градинката Панорама клон на Кочо Рацин на Водно. Поради лизгање на земјиштето ноќеска потпорниот ѕид паднал врз клацкалките, клупата, вовчето. Среќа ги спаси 80 – те деца што престојуваат во градинката, како и сите вработени во неа. И погорниот потпорен ѕид е напукнат. Според градоначалникот на Центар причина за ова е повеќе децениското градење на Водно.

„Ќе ги преиспитаме сите објекти што во моментот се градат и ќе преиспитаме дали спратноста на веќе изградените е во согласност со деталните урбанистички планови“, рече градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски.

Не е прв пат дождовите да го раздвижат земјиштето.

Се искачивме една улица над детската градинка. Тука има големи објекти и потпорни ѕидови засега состојбата со овој потпорен ѕид е стабилна, но ридот почнува полека да се урива.

Земја навлегува во куќите над кои нема потпорни ѕидови. Перо Блажевски, веќе 60 години живее во подножјето на Водно. Вели сите знаат дека земјиштето се лизга, а постојано никнуваат нови згради.

„Во овој дел овде сите се плашат да не им падне некоја зграда на глава. Фекалии течат по дворовите на луѓето. Ниту е средена канализацијата, ниту пак, може да се среди. Тоа е нешто невидено“, вели Перо Блажевски.

Од општина Центар се загрижени од опасноста која демне. За да можат да преземат соодветни мерки ќе нарачаат научна студија за носивоста на оваа подрачје.

 

Наташа Јанчиќ