Економијата во фокус на новата Влада

19.06.2014 16:36

Странските инвестиции остануваат врвен приоритет. Премиерот најави влез на нови 30 странски компании, кои треба да отворат нови 10.000 работни места. Ќе расте и извозот...

Висок економски раст, нови вработувања и раст на инвестициите се економските приоритети на новата Влада. Премиерот Груевски очекува економијата во наредните години да расте со темпо од  4,5 до 6%. Ќе се зголемува  нивото на капиталните инвестиции, инфлацијата ќе остане ниска. Груевски најави пораст на социјалната помош и на платите во јавниот сектор за 21,5 проценти. Вработувањето ќе биде во фокусот и на новата Влада. Се планира отворање на нови 64.000  работни места.

„Во следните четири години се стремиме кон отворање на нови 64.000 работни места и намалување на невработеноста од постоечките 28,4 на 22 процента. Посебен фокус ќе има зголемувањето на вработување на млади лица преку ослободување од плаќање на придонеси  за вработување на лица до 29 години“, потенцира Груевски.

Странските инвестиции остануваат врвен приоритет. Премиерот најави влез на нови 30 странски компании, кои треба да отворат нови 10.000 работни места. Ќе расте и извозот.

„Очекуваме  засилување на привлекувањето на странските директни инвестиции  чие ниво очекуваме да се движи од 350 до 430 милиони евра годишно до 2015- тата година и од 490 до 550 до 2018- тата“, рече премиерот Груевски.

Интензивно се градат нови 140 километри патишта, а се работи и на железничко поврзување со регионот. Ќе има повеќе пари и за бизнисот преку евтините кредити од Македонската банка за поддршка на развојот. Во наредните четири години ќе се изградат 600 станови за социјално ранливите категории, а минималната плата ќе се зголеми на 10.080 денари.

 

Дијана Ценевска