Македонија

Петровска во посета на компанијата „Актива“ која доби пристап до пазарот на НАТО

08.04.2024 14:41

По обиколката на производствените капацитети на компанијата, министерката Петровска порача дека е импресионирана од процесот на производство и дека вратите до значајниот НАТО пазар се отворени за сите компании во Северна Македонија...

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Штип ја посети компанијата „Актива“ која од крајот на февруари е впишана во евиденцијата за економски оператори кои имаат пристап до НАТО пазарот.

По обиколката на производствените капацитети на компанијата, министерката Петровска порача дека е импресионирана од процесот на производство и дека вратите до значајниот НАТО пазар се отворени за сите компании во Северна Македонија.

„Јас позитивниот пример на оваа компанија би го дала како пример и за останатите компании во Република Северна Македонија кои досега не пристапиле до Министерството за одбрана за нивна регистрација на НАТО пазарот да го искористат како успешен пример, се разбира тоа да го направат“, рече министерката.

Петровска ја истакна големината на НАТО пазарот и можноста компании од различни сектори кои ги исполнуваат стандардите и критериумите да учествуваат и порача дека во идниот период преку испраќање на свој претставник во НАТО – Агенцијата за набавки Министерството за одбрана ќе продолжи да им ја дава сета потребна поддршка на компаниите.

Сопственикот на компанијата, Иле Николов истакна дека можноста за учество на компанијата на НАТО пазарот отвора една нова визија во нивниот производствен програм.

„Актива“ е компанија со високи стандарди од металопреработувачката индустрија, има повеќе сегменти во своето работење од кои два се издвојуваат, а тоа се металните конструкции како изградба на фабрички хали и производство во автомобилската индустрија како и во индустријата за градежни машини.

На почетокот на месец март, Министерството за одбрана организираше НАТО Индустриски ден на кој генералната менаџерка на НАТО Агенцијата за поддршка и набавки, Стејси Камингс и шефицата за набавки во НАТО Агенцијата за комуникации и информации, Џенифер Аптон со своите тимови во детали го објаснија процесот на учество на тендерите на НАТО – Алијансата.

Досега 44 македонски компании се впишани во евиденцијата на економски оператори кои можат да учествуваат на овој пазар, a две компании кои имаат учествувано на тендери на НАТО имаат добиено три поединечни договори – два договори за компанија во градежниот сектор и еден договор за компанија во секторот – организација на настани.