Договорот за примирје доставен до Хамас
Нетанјаху останува цврст на ставот да го елиминира последното упориште на Хамас во Рафах. Вели дека веќе е договорен датум...

Хамас соопшти дека го добил последниот договор за прекин на огнот во Газа предложен од Израел и дека не ги исполнува нивните барања, но велат дека се заинтересирани за решение. Се чека нивниот одговор-велат од САД.
„Предлогот е претставен до Хамас и го чекаме нивниот одговор кој често може да потрае неколку денови поради комуникацијата со нивниот водач Синвар“, изјави Џон Кирби, координатор на Советот за национална безбедност на САД.
Нетанјаху останува цврст на ставот да го елиминира последното упориште на Хамас во Рафах. Вели дека веќе е договорен датум.
„Добив детален извештај за разговорите во Каиро, работиме на остварување на нашите цели, ослободување на заложниците и победа над Хамас. Оваа победа бара влез во Рафа и елиминација на терористичките баталјони. Тоа и ќе се случи – веќе има датум“, изјави Бенјамин Нетанјаху премиер на Израел.
Од Вашингтон велат дека Тел Авив не им доставил воен план за Рафах, но уште еднаш повторија дека силно се противат на копнената офанзива во јужниот град кој само ќе ја усложни и онака тешката ситуација во енклавата.
