Израел

Криза на Блискиот Исток

09.04.2024 09:36

Советот за безбедност на Обединетите нации реши до крајот на месецов да одговори на барањето на палестинските власти за добивање статус на полноправна членка на Светската организација ...

Израелскиот предлог за прекин на огнот не исполнува ниту едно од нашите барања-соопшти Хамас, додавајќи дека ќе го проучи пред да даде одговор. Нетанјаху тврди дека е познат датумот кога војниците ќе влезат во Рафах. Останува на ставот да го елиминира последното упориште на Хамас.

„Добив детален извештај за разговорите во Каиро, работиме на остварување на нашите цели, ослободување на заложниците и победа над Хамас. Оваа победа бара влез во Рафа и елиминација на терористичките баталјони. Тоа и ќе се случи – веќе има датум“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.

Вашингтон повтори дека силно се противи на копнената офанзива, која само ќе ја усложни и онака тешката ситуација во енклавата и најави продолжување на разговорите во наредните денови.

„Воената инвазија на Рафах ќе има енормно штетен ефект врз цивилите и на крајот ќе и наштети на безбедноста на Израел. Не е прашање само Израел да ни претстави план, јасно им ставивме до знаење дека постои подобар начин да се постигне она што е легитимна цел“, изјави Метју Милер – портпарол на Стејт департментот.

Од друга страна, САД ги пофалија израелските напори за доставување на помош во Газа. За 24 часа влегле над 300 камиони, што е најголема бројка од почетокот на конфликтот. Продолжи враќањето на цивилите во уништениот Кан Јунис.

„Никогаш не замислував дека еден ден ќе дојдеме до ваква фаза. Искрено, тешко е да се опише, изгубени соништа меѓу овие згради и животи, деца кои талкаа по овие улици“, изјави Хатем Ал-Масри – жител на Кан Јунис.

Додека ООН го разгледуваат статусот на Палестина за полноправна членка во организацијата, генералниот секретар Гутереш побара од Тел Авив да дозволи влез на странските новинари во Газа, за да се избегнат дезинформации и лажни наративи за ситуацијата. Во истовреме, иранскиот шеф на дипломатијата го обвини САД дека му дал зелено светло на Израел за нападот на конзулатот во Дамаск и изјави дека мора да сноси одговорност за тоа.

 

 

Бојана Крстевски