„Дневник“: Зошто Заев пеш ја минувал границата кон Грција?!

19.06.2014 17:09

Неговите посети, како што пишува весникот, не траеле подолго од 24 часа. Заев ја посетил Грција лани во октомври и тоа во ист ден кога се случува новата рунда преговори меѓу медијаторот Нимиц и преговарачите во Њујорк...

Лидерот на опозицијата Зоран Заев во повеќе наврати последнава година пеш ја минувал границата со Грција и Бугарија и тоа во периоди кои се совпаѓаат со важни политички настани во земјава, пишува весникот „Дневник“.

Неговите посети, како што пишува весникот, не траеле подолго од 24 часа. Заев ја посетил Грција лани во октомври и тоа во ист ден кога се случува новата рунда преговори меѓу медијаторот Нимиц и преговарачите во Њујорк.

Во средината на декември Заев ја посетил Грција, а три дена подоцна ЕУ донесе заклучок со кој Македонија не добива датум за отпочнување на преговорите. Весникот ја отвара дилемата дали станува збор за коинциденција или пак опозицискиот лидер отишол во Грција со конкретна цел.

Понатаму весникот пишува дека посетите на Заев на Грција и на Бугарија зачестуваат пред изборите. Непосредно по враќањето во земјава Заев ги обелоденува аферите Актор и Македонска банка.

Заев демантира дека се среќавал со луѓе од грчката политика. Единствена средба, како што вели е онаа со Венизелос во Скопје.

„Тезата дека пеш Заев заминувал за Грција, а се враќал со возило, апсолутно не е точна. Сите граѓани знаат дека на преминот Дојран мора да излезете од возилото за да го однесете пасошот до бараката, што не е случај на преминот во Богородица. Многу е лесно со зли мисли некој да ве слика како излегувате од колата да го доставите пасошот“, вели Заев.

За неговите посети кај соседите рече дека Струмица е збратимена со три општини од соседна Грција и дека за економскиот развој на општината придонесуваат бројните странски инвеститори од оваа земја.

 

Анита Димитријевска