Подготвени за работа: Учениците од средното угостителско ги покажаа своите вештини

19.06.2014 17:24

Учениците од средното угостителско училиште „Лазар Танев“ го полагаа завршниот практичен дел од матурата. Пред присутните гости ги покажаа своите вештини во кујна...

Храна со диплома. Од вештите раце на учениците на трпеза. Гостите уживаа во дегустацијата. За матурантите од Угостителско последниот дел од завршниот испит не беше тежок. Со задоволство им покажаа на присутните што научиле.

Кај професорот по готварство не постои дилема дека учениците нема да се снајдат позавршување на средното образование.

„Учениците во три години се трудат што повеќе да научат и постојано одат на пракса, ова е само сегмент од тоа што го знаат. Мислам дека знаат многу повеќе, трудот и нивното дело се гледа во сала“, изјави Небојша Вуковиќ, професор по готварство.

Директорот на средното угостителско училиште вели дека учениците си обезбедуваат работа додека посетуваат практична настава бидејќи работодавците препознаваат квалитет. Токму затоа апелира да се даде акцент на средното стручно образование.

„На пример во нашата струка се градат два три хотели во моментов, значи тоа се 200, 300 вработени а нашата генерација што завршува се 200 матуранти“, изјави Зоран Николовски, директор на СУГС „Лазар Танев“.

На 23 јуни средното угостителско училиште ја очекува новата генерација на готвачи, слаткари, келнери. Директорот вели дека ова училиште е современо, европско, модерно и е преполно со професионализам и креативност. Тврди дека има место на пазарот на трудот за сите оние кои ќе се стекнат со дипломата од угостителското училиште.

Ана Јосифоска- Тодоровска