Економија

Данела Арсовска - нов претседател на ССК

19.06.2014 17:31

Во двегодишниот мандат ќе работи на развој на Комората, на зајакнување на економскиот раст на компаниите – членки и на зголемување на бројноста на Сојузот...

На една недела по одбележувањето на 10-от роденден, Сојузот на стопански комори доби нов претседател. На местото на Златко Калеников доаѓа Данела Арсовска – претседателката на Услужната комора.  Во двегодишниот мандат ќе работи на развој на Комората, на зајакнување на економскиот раст на компаниите – членки и на зголемување на бројноста на Сојузот.

„Имаме конкретна програма, со 23 точки и 50 нови проекти коишто планираме да ги реализираме за нашите членки, а овие проекти предвидуваат соработка со сите институции во државата“ – изјави Данела Арсовска, новоизбран претседател на ССК.

Противкандидат на Арсовска и беше Мирче Чекреџи, заменик – претседател на Сојузот. Вели дека ќе остане активен во организацијата, и дека негови приоритети се: зголемување на ликвидноста на компаниите, подобар третман на домашните инвеститори, поддршка за извозниците, градење на партнерски односи со синдикатите и власта.

„Комората мора да биде неполитичка организација. Наша Влада и премиер се оние кои победиле на демократски избори и ние мораме да соработуваме со нив. Без соработка, ние немаме шанси за успех“ – изјави Мирче Чекреџи, кандидат за претседател на ССК.

Калеников, кој во два мандата беше претседател, смета дека Сојузот одиграл клучна улога во време на економска криза.

„Да не беше ССК, македонската економија сега можеби и немаше да постои. Сите мерки и акции дојдоа од ССК. Јас бев претседател во најтешкото време на економска криза“– изјави Златко Калеников, досегашен претседател на ССК.

За првпат од постоњето на Сојузот, претседател се избираше од повеќе кандидати, со тајно гласање. Досега на чело на оваа организација, освен Калеников и во кус временски период Чекреџи, беа и Велија Рамковски и Венко Глигоров.

 

Мартин Пушевски