Хамас го одби предлогот за примирје
Ништо од договорот за мир во Газа. Хамас го одби предлогот зашто не ги задоволува палестинските барања. Израел одреди датум на напад врз Рафах...

Израелскиот предлог за прекин на огнот не исполнува ниту едно од нашите барања – соопшти Хамас, додавајќи дека ќе го проучи пред да даде одговор. Нетанјаху тврди дека е познат датумот кога војниците ќе влезат во Рафах.
„Добив детален извештај за разговорите во Каиро, работиме на остварување на нашите цели, ослободување на заложниците и победа над Хамас. Оваа победа бара влез во Рафах и елиминација на терористичките баталјони“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Вашингтон повтори, силно се противи на копнената офанзива. Најави продолжување на разговорите во наредните денови.
„Воената инвазија на Рафах ќе има енормно штетен ефект врз цивилите и на крајот ќе и наштети на безбедноста на Израел. Не е прашање само Израел да ни претстави план, јасно им ставивме до знаење дека постои подобар начин да се постигне тоа што е легитимна цел“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
Откако израелската влада одби да дозволи помош од воздух над опколената енклава, Турција реши да го стопира извозот кон Израел додека не дојде до прекин на огнот.
„Нема оправдување за Израел да го блокира нашиот обид со авион да пренесе помош за гладниот народ во Газа. Соочени со оваа ситуација, решивме да преземе низа нови мерки против Израел“, изјави Хакан Фидан, министер за надворешни работи на Турција.
Во Неапол, Италија пак, десетици анти-НАТО и пропалестински демонстранти се судрија со полицијата за одбележувањето на 75-годишнината од основањето на Северноатлантската алијанса.
Маријана Димовска
