Таравари: Шест месеци доволен период за уставните измени
Коалицијата „Вреди“ нема да биде дел од влада која нема план да го продолжи патот кон ЕУ, а од европските политичари, Таравари ќе бара гаранции дека нема да има нови услови за старт на преговорите...

Шест месеци се доволен период за да се спроведат уставните измени, за да може земјава да ги почне преговорите со европската унија– вели претседателскиот кандидат од здружената албанската опозиција, Арбен Таравари. Коалицијата „Вреди“ нема да биде дел од влада која нема план да го продолжи патот кон ЕУ, а од европските политичари, Таравари ќе бара гаранции дека нема да има нови услови за старт на преговорите.
„Мислам дека Нова година е разумен период во којшто би требало да се случат уставните промени и целата процедура на уставните промени трае околу два до три месеци, околу 100 дена. Се надевам дека пред Нова година, Македонија ќе успее да ја помине уште оваа пречка“, изјави Арбен Таравари, кандидат за претседател од коалицијата „Вреди“.
Таравари очекува гласови од сите етнички заедници
Таравари очекува да ги добие гласовите од сите етнички заедници, како на локалните избори.
„И успеав за среќа од сите етнички заедници да добијам повеќе гласови од противкандидатот. Мислам дека успеавме да одржиме една внатрешна кохезија во нашата општина. Никој во општината не може да каже дека за некого е затворена општината или дека не се сите граѓани подеднакво третирани“, истакна Таравари.
Програмата на Таравари се заснова на четири столба – Македонија интегрирана во регионот и во ЕУ, безбедна и правна држава, консензуална демократија.
Андријана Ѓурческа
