Договорен датумот за офанзива во Рафах
Хамас и Израел не постигнаа напредок во преговорите за прекин на огнот. Израелскиот предлог не исполнува ниту едно од нашите барања – соопшти Хамас, додавајќи дека ќе го проучи пред да даде одговор...

Израелскиот премиер вели дека е договорен датумот за офанзива во Рафах во време кога Египет, Франција и Јордан предупредија дека ваквиот потег ќе има опасни последици и се заканува регионална ескалација. Хамас и Израел не постигнаа напредок во преговорите за прекин на огнот. Израелскиот предлог не исполнува ниту едно од нашите барања – соопшти Хамас, додавајќи дека ќе го проучи пред да даде одговор.
„Ќе ја завршиме елиминацијата на баталјоните на Хамас, вклучително и во Рафах. Нема сила во светот што ќе нè спречи. Сите на Блискиот Исток, а и надвор од него, седат и гледаат кој ќе победи, Израел, или Иран и неговите прокси. Веќе знаете кој ќе победи“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Вашингтон се противи на копнената офанзива
Вашингтон силно се противи на копнената офанзива. Најави продолжување на разговорите во наредните денови.
„Воената инвазија на Рафах ќе има енормно штетен ефект врз цивилите и на крајот ќе и наштети на безбедноста на Израел. Не е прашање само Израел да ни претстави план, јасно им ставивме до знаење дека постои подобар начин да се постигне тоа што е легитимна цел“, рече Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
Турција реши да го стопира извозот кон Израел додека не дојде до прекин на огнот за што од израелското МНР велат дека Ердоган ги жртвуваше интересите на својот народ поради поддршката на Хамас.
Маријана Димовска
