Продолжува кампањата за претседателските избори
Седми ден од изборната кампања. Кандидатите за претседател на државата растрчани во обид да ја презентираат својата програма и да понудат нешто што е поразлично од нивните противници...

Митинзи, дебати, средби со граѓани, прес-конференции. Седми ден од изборната кампања. Кандидатите за претседател на државата растрчани во обид да ја презентираат својата програма и да понудат нешто што е поразлично од нивните противници.
Кандидатот поддржан од СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски денеска на средба со граѓаните на Демир Капија, Градско и на Росоман. Ќе има и митинзи во Неготино и во Кавадарци.
Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, која ја промовира кампањата под слоганот „Твоја Македонија“, ќе ја претстави изборната програма пред жителите на Василево, Босилово, Радовиш и на Струмица.
Претендентката за претседател од Левица, Билјана Ванковска, најави средби со граѓани во Карпош и во Долно Лисиче, а градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кандидат од движењето ЗНАМ, ќе одржи говор пред граѓаните на Лозово, Свети Николе и на Штип. Карванот со активности го продолжува и кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски.
Поради празникот Рамазан Бајрам, кандидатите од албанскиот политички блок денот ќе го поминат со семејството.
