Бајден: Пристапот на Нетанјаху кон војната во Газа е погрешен
Критики од САД за Израел. Хамас тврди дека Израел не нуди ништо ново во последниот предлог за прекин на огнот. Експерти со став дека договорот за заложници меѓу Израел и Хамас може да ја смени траекторијата на војната…
Пристапот на израелскиот премиер Нетанјаху кон војната во Газа е погрешен, изјави американскиот претседател Џо Бајден во интервју за американска ТВ-мрежа на шпански јазик. Од друга страна, од неговата администрација велат дека понудата на Израел за примирје, заедно со ослободувањето на заложниците од Газа и враќањето на палестинските бегалци, е добра понуда. Сепак, Вашингтон не е информиран за никаков конкретен датум за почеток на голема офанзива во Рафах, во јужниот дел на Газа.
„Немаме датум за каква било операција во Рафах. Претседателот беше многу јасен за нашата длабока загриженост за способноста на Израел да ги оддалечи цивилите од опасност. Ние сме посветени на тоа Хамас да не може да управува или да ја диктира иднината на Газа или што било друго. Многу е важно како Израел спроведува какви било понатамошни операции во Газа. Разговараме со нив за алтернативи за решавање на проблемот, но тоа го правиме на начин што не ги загрозува невините“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
Хамас: Израел не нуди ништо ново
Хамас тврди дека Израел не нуди ништо ново во последниот предлог за прекин на огнот. Се чека одговор од милитантана група. Според експерти, договорот за заложници меѓу Израел и Хамас може да ја смени траекторијата на војната.
„Хамас веќе денес е сосема поинаква, намалена, терористичка закана. Но, сè уште е таму. Хамас беше многу непопустлив затоа што не сум убеден дека е желен за договор. Милитантната група е среќна што положбата на Израел паѓа, а односот со клучните добавувачи на оружје се влошува. Мислам дека Хамас го гледа тоа како многу поважна стратешки цел“, вели д-р Метју Левит, директор за контратероризам и разузнавање во Вашингтонскиот институт за политика на Блискиот Исток.
Апели за заштита на цивилите
Меѓународната заедница со сè погласни апели за заштита на цивилите и за решение за повоена Газа.
„На крајот мирот, безбедноста за Израел, ќе се постигне само ако имаме палестинска држава покрај израелската држава. Решение со две држави е единствената надеж за прекин на бескрајниот круг на насилство. И затоа ги повикуваме сите страни да се вратат на масата. Се ангажираме да ги поддржиме сите напори за унапредување на политичкиот процес, вклучително и дискусии меѓу регионалните лидери“, нагласи Пени Вонг, министер за надворешни работи на Австралија.
Од церемонијата за големиот верски празник Рамазан, врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи ги повтори своите ветувања дека ќе се одмазди на Израел поради убиството на двајцата ирански генерали по нападот врз нивниот конзулат во Сирија.
Маријана Димовска
