Силјановска-Давкова: Политиката е далеку од европска
Политиката во земјава е далеку од европска и демократска, посочи пред кумановци кандидатката за претседател на државата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Силјановска Давкова вети дека ќе се залага за Македонија во која ќе владее правото и правдата.

Поголемо учество на жените во политиката, промени во дипломатските назначувања, задржување на интегритетот во судството, зајакнување на уставните институции, проактивни безбедносни мерки, младинско ангажирање, се дел од мерките за коишто ќе се залага кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Силјановска Давкова од предизборниот митинг во Куманово, осврнувајќи се на политиката во земјава рече дека е далеку од европска и демократска.
„Ќе сторам се Македонија да биде пристојна иако мала европска држава. Држава во која владее правото а не премоќни поединци, политички богови и олигархиски групи. Ќе сторам се и во малиот претседателски кабинет ако е формиран и составен од стручни луѓе може да се заслужи гордоста со работа“, истакна Силјановска-Давкова.
Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски критикувајќи ја власта рече дека насекаде е хаос, народот живее во тешко време.
„Животниот стандард е под секое ниво. Платите не стигаат ни за половина месец. Трошоците се зголемуваат. Од друга страна колку повеќе народот осиромашува, толку повеќе се богати кликата на власт. Криминалот цвета“, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред кумановци.
Мицкоски ги повика граѓаните да гласаат за „Горда Македонија“, за принципи и вредности.
